
КОЕ ЈАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ „РАСТУРИ“ ОД СИЛЕН ПРОФИТ, А КОЕ ДРЖАВНО АД ПОТОНА ВО ГОЛЕМИ ЗАГУБИ – ова се најновите бројки на Финансии, како ни работел јавниот сектор
На прсти можат да се
избројат моќните приватни компании во земјава кои можат да му конкурираат со
своите профити на Јавното претпријатие за државни патишта, кое, за волја на
вистината, може да се пофали и со неколку усшено реализирани проекти и пуштени
во употреба патишта во изминатиов период.
Министерството за
финансии ги објави податоците за финансиското работење на јавните претпријатија
и акционерски друштва во државна сопственост за третиот квартал од минатата година, а
тие говорат дека најуспешното и најпрофитното во сите нив е токму ЈП за државни
патишта, додека, пак, дека АД Електрани на Македонија е убедливио најголемиот загубар.
Бројките на финансии говорат дека само во третиот квартал од годинава ЈП за
државни патишта остварило чист профит од 52 милиони евра.
Тоа е фантастичен резултат
за претпријатието што ги наплаќа
патарините во земјава, а чии директор Коце Трајановски во неколку наврати има
кажано дека со дисциплина и незаобиколување на оваа давачка, државата реализира
многу поголема сума на средства при нејзината наплата.
Инаку, ова ЈП е надлежно за управување
со државните патишта, подготовка на програми
и одржување
на патиштата, постојано
следење и контролирање на нивната состојба, преземање мерки за рационално користење на
средствата наменети за државните патишта, инвеститорски
работи, наплата на надоместоците за
користење на јавните патишта, задолжувања
кај домашни и странски финансиски институции, организирање на изработка на студии и проекти
за изградба, реконструкција,одржување, заштита и наплата на патарина со
право истите да ги отстапува на физички и правни лица, предлагање за давање на концесија и други
видови на јавно-приватно
партнерство, и слично. Значи,
засега сите пофалби одат на контото на ЈП за државни патишта.
А, кое АД во државна
сопственост е вистински загубар и тоа подолг период наназад? Станува збор за
државните електрани, АД ЕСМ, чија загуба само од периодот почнувајќи од јули
заклучно со септември минатата година стигнала дури до 23 милиони евра.
Сегашната власт за состојбите во енергетиката се уште ја обвинува претходната,
и се најавува дека во наредниот период треба да се средат состојбите во
енергетскиот сектор.
Но, за разлика од АД
Електрани, неговиот помал брат, односно преносниот оператор МЕПСО, работел
позитивно во третиот квартал од минатата година, па ова АД во државна
сопственост има добивка од 5,5 милиони евра за периодот од тие три месеци.
А, она што привлекува
интерес е прилично значајната добивка што ја има остварено едно претпријатие
кое важи за загубар и проблематичен државен субјект, а тоа е ЈП Национални
шуми, кое во третиот квартал од минатата година има прикажано добивка од 3,6
милиони евра. Како се успева да се оствари толку добра бројка, и дали со неа ќе
се покриваат претходни загуби и како сето тоа ќе се одрази на конечниот
финансиски резултат на претпријатието за претходната година, ќе се види кога
тоа ќе го објави конечниот финансиски резултат.
Одлична бројка на
добивка прикажало и АД за воздухопловна навигација, М-НАВ, чија добивка за
третиот квартал од годинава изнесувала 3,13 милиони евра.
Од поголемите „добитници“
ја издвојуваме и АД Државна Лотарија, чие работење со претходниците и не било
така чисто и за кое се гонат претходниот директор, но и екс вицепремиерот Артан
Груби. Имено, тоа АД во државна сопственост остварило во третиот квартал од
минатата година добивка од еден милион евра.
Но, не им одело добро на
сите „фирми“ под државни јасли.
После големиот загубар
АД ЕСМ, има уште неколку, чии загуби во третиот квартал лани се движеле во
следниве рамки. Имено, АД Железници транспорт влегло во нова загуба од 2
милиони евра само за еден квартал, односно третиот, а не мала загуба за еден
квартал има и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и
регионалните патишта, од дури 1,9 милиони евра за тој период.
Голем негативен
финансиски резултат за тртетиот квартал лани имала и Телевизија, односно
Јавното радиодифузно претпријатие МРТ, кое за тој период од три месеци влегло
во минус од 1,71 милиони евра. Речиси идентични, пак, загуби, имаат за третиот квартал лани два државни субјекти, и тоа ЈП Железници инфраструктура, како и АД
Водостопанство, кои со своите негативи се голем проблем на државата, и кои во
третиот квартал од минатата година имале „минус“ од по 1,47 милиони евра.
Следуваат нови
позначајни загубари, и тоа ЈП Стрежево од Битола, со негатива од 600 илјади
евра, ЈП Национална радиодифузија чии минус бил 525 илјади евра, а ЈП Злетовица
од Пробиштип, со загуба од 470 илјади евра. Загуба во третиот квартал лани
имало и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, од 330
илјади евра, а и загубарот АД Пошта, влегол во нов минус од 267 илјади евра.
Н.Н.Ф.
