
Коцевски: Одлуката е политичка, за да ме разрешат треба да сторам тешка дисциплинска повреда, а не е констатирана таква
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и денеска повтори дека најавите за неговото разрешување од страна на Владата се политички мотивирани, додавајќи дека во неговото работење нема тешка дисциплинска повреда – што, според законот, е единствената основа за негово разрешување.
„Согласно важечкиот закон, за да бидам разрешен треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатира дека таква повреда нема. Понатаму постапката е на Владата – таа може да го достави предлогот до Собранието, но тоа не е моја надлежност“, изјави Коцевски, нагласувајќи дека ќе продолжи да работи професионално, чесно и согласно законските надлежности.
Коцевски ја повтори својата позиција и во контекст на најавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој пред неколку дена рече дека Владата многу скоро ќе ја активира постапката за негово разрешување.
„Ќе го дадам истиот коментар што го давам со месеци – тоа е нивна политичка одлука и немам што повеќе да додадам“, порача обвинителот.
На новинарско прашање дали постојат правни дилеми околу целата постапка, Коцевски појасни дека законот е јасен – без утврдена тешка дисциплинска повреда, разрешување не може да има. Тој потсети дека Советот на јавни обвинители веќе утврдил дека во неговиот случај нема основ за дисциплинска одговорност.
