
Кој е Роберт Малезански, новиот пилот на ДЗС?
Дирекцијата за заштита и спасување утрово ни претстави нов член на дирекцијата и нов пилот.
Се работи за м-р Роберт Малезански, кој официјално презема една од клучните позиции, Раководител на Авио-одделението во ДЗС.
Роберт Малезански е личност која е тесно поврзана со професионализам, посветеност и служба кон државата. Неговата кариера во Воената авијација е вистинска школа на вештина, храброст и лидерство — квалитети што ќе ги внесе и во нашата Дирекција.
Неговиот воздухопловен пат започнал уште во раните години, кога завршил Воздухопловната гимназија во Мостар — прв чекор кон она што подоцна ќе стане вистинска легенда во македонската воена авијација. Подоцна, своето летачко образование го продолжил на Воената воздухопловна академија во Задар, каде што стекнал искуство со летање на борбени млазни авиони како „галеб“, „супер галеб“ и „МиГ“-21. Дипломирал на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“, што го означило почетокот на неговата офицерска кариера во Армијата на Република Македонија.
Својата служба ја започнал како пилот во „101. авијациска ескадрила на Воздухопловната бригада“, една од најпрестижните формации во македонската Армија. Имено, во 2001 година, за време на најтешките денови на државата, Роберт, заедно со своите колеги зеде активно и несебично учество во одбраната на Република Македонија, покажувајќи извонредна храброст, професионализам и посветеност кон нашата земја.
Со текот на годините, неговото искуство и лидерски способности беа признаени со повисоки командни и оперативни функции. Бил: инструктор по летање, подготвувајќи нови генерации на млади пилоти; како пробен пилот, учествувал во испитување и воведување на нови воздухопловни платформи и процедури; како командир на „флајт“, управувал со мали, но критични оперативни единици; а подоцна, како командир на ескадрила, ги координирал активностите на цела авијациска единица. Неговата кариера достигнала врв кога бил назначен за заменик на командантот на Воздухопловната бригада, а подоцна и за командант на највисоката воздухопловна команда во Армијата на Република Македонија — позиција којашто ја извршувал сè до неговото пензионирање во чин полковник.
Паралелно, со своите оперативни и командни обврски, Роберт Малезански продолжил и со развојот на своето стручно и стратегиско знаење. Во 2010 година, магистрирал на Воздухопловниот универзитет на Военото Воздухопловство на САД (Air University, USAF) — еден од најпрестижните центри за воено воздухопловно образование во светот. Подоцна, во 2016 година, го завршил Колеџот за национална одбрана (School of National Defense) во Инстанбул, Турција, што му овозможило да ги разбира и да влијае врз безбедносните и одбранбените стратегии на највисоко ниво.
Неговото летачко искуство опфаќа повеќе од 1.900 часови во воздухот, на разновидни „платформи’ — од лесни авиони и напредни тренажни модели, до тешки борбени авиони како „сухој“-25, и на борбени и транспортни хеликоптери како „Ми“-24 и „Ми“-17. Ова не само што е доказ за стручност, туку и за непрекинато вклучување во реални операции, вежби и мисии.
Со сè тоа, Роберт Малезански не е само пилот или командант — тој е институционален градител, ментор, стратег и гарант за стандарди. Неговото пристигнување во нашата Дирекција (ДЗС) е знак на сериозна надградба на нашите воздухопловни капацитети, особено во областа на управување со услуги, безбедност, стандардизација и квалитет.
„Ние, како Дирекција, сме привилегирани што Роберт го споделува своето знаење, искуство и лидерство со нас. Уверени сме дека под негово раководство, Одделот за услуги со воздухоплови ќе стане уште поефикасен, иновативен и директорот на ДЗС, Ангелов, искажува сигурност дека Малезански ќе го предводи кон нови стандарди на безбедност, ефикасност и иновација“, велат од ДЗС.
