
Клековски против минималната плата од 600 евра: Земјата не е најсиромашна во регионот!
Дебатата за зголемување на минималната плата на 600 евра во Македонија, според директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, често се води со погрешни споредби и мешање на нето и бруто износи, без да се земе предвид паритетот на куповна моќ (ПКМ).
– Кога се споредуваат плати, треба да се користи бруто износ за да се елиминираат разликите во даночните и социјалните системи. На пример, минималната плата во Црна Гора изнесува 600 евра нето, што е околу 670 евра бруто, додека во Македонија бруто минималната плата е 586 евра. Значи, нашата земја не е на дното во регионот, објаснува Клековски.
Тој додава дека разликите произлегуваат од различните модели на оданочување. Црна Гора има пониски придонеси и персонален данок, но повисок ДДВ, што кај нас би значело повисоки цени за граѓаните.
Според Еуростат, минималната бруто плата во Македонија изразена во ПКМ изнесува 1.069 евра, што ја става земјата во средната група меѓу земјите на ЕУ и кандидатите. Клековски истакнува дека нето минимална плата од 600 евра би ја ставила Македонија на ниво со Германија и Холандија според куповната моќ, што не е реално со сегашната продуктивност.
– Клучниот проблем не е минималната плата, туку ниската продуктивност кај дел од домашните компании. Странските и извозно ориентираните фирми имаат значително повисока продуктивност. Кога продуктивноста ќе порасне, ќе зборуваме и за повисоки плати, а не само за минималната, вели Клековски.

