
Кејот на Вардар добива нов лик: Современи спортски терени и фитнес зони за сите генерации
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави почеток на голема реконструкција на кејот на реката Вардар, со цел создавање на современ спортско-рекреативен центар отворен за сите генерации.
„Вечерва, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски, извршивме обиколка на кејот на реката Вардар. Од утре официјално започнуваме со реконструкција на спортските терени, со што овој простор ќе прерасне во современ спортско-рекреативен центар“, изјави Ѓорѓиевски.
Според најавите, проектот предвидува изградба и целосна реконструкција на терени за фудбал, одбојка и баскет, како и поставување на модерни фитнес зони на отворено, кои ќе бидат достапни за секој граѓанин. Дополнително, со проектот се опфатени и спортските терени во населбата Маџир Маало, кои исто така ќе бидат унапредени и ставени во функција на заедницата.
„Спортот е темел на здраво општество. Тој гради дисциплина, самодоверба, заедништво и ги оддалечува младите од лоши навики. Инвестирањето во спортски терени значи инвестирање во здравјето на граѓаните, во енергијата на младите и во иднината на Скопје“, истакна градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека ова е само почеток од визијата на Град Скопје за обезбедување на современи и достапни спортски терени во сите општини. „Рамномерен развој, еднакви можности и активен живот за секој скопјанец, без разлика каде живее“, потенцираше тој, изразувајќи благодарност до министерот Борко Ристовски за силната поддршка.
Проектот е дел од пошироката стратегија на Град Скопје за унапредување на спортската инфраструктура и поттикнување на здрав и активен живот кај младите и сите жители на градот.
