
Казна од 300 евра за маж од ресенско затоа што на протестот против сеча на шума над Љубојно го блокирал патот истурајќи земја!
Жител од ресенско доби парична казна од 300 евра за време на протестите против сечата на шумата кај селото Љубојно. Тој бил санкциониран бидејќи со товарно возило истурил земја на патот за да ги блокира камионите што ги транспортираат исечените дрва.
„На две места од патот истури земја и со тоа се направи блокада. Некој го сликал и фотографијата ја пратил кај надлежните. Му беше изречена парична казна од 600 евра, но затоа што ја плати навремено, му зедоа 300 евра. Сите ние солидарно ги собравме парите за да ја плати казната“, изјавија жители на Љубојно за САКАМДАКАЖАМ.МК, додавајќи дека нема да запрат со протестите кои траат веќе шести ден.
Жителите предупредуваат дека селото се соочува со еколошка и инфраструктурна катастрофа поради масовната сеча.
Откако започнаа протестите на 12 август, сечата е запрена. Сепак, од Владата реагираат дека сè се изведува по закон.
„Испочитувани се законската процедура и контролите со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови“, велат од Владата.
Според нив, за сечата е ангажирана професионална лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а работите се вршат под стручен надзор на ЈП „Национални шуми“. Дрвата, како што информираат, се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво.
