
Кавадарчани крадат вода од „Еуроникел“
Комбинатот ,,Еуроникел индустри” од Кавадарци денеска алармира дека несовесни луѓе со незаконски приклучоци на технолошката вода во сопственост на компанијата за фероникел, предизвикуваат штета и се закануваат на производствениот процес.
– Се известуваат сите граѓани на Општина Кавадарци и околните мештани дека фабриката „Еуроникел индустри” ДОО село Возарци Кавадарци, во летниот период се соочува со потешкотии настанати како резултат на незаконити приклучоци на водоводната мрежа, односно на доводниот цевковод за технолошка вода, која фабриката ја снабдува од акумулацијата Тиквеш Кавадарци, соопштуваат од таму.
Фабриката им порачува на „несовесните” граѓани да се воздржат од вакви незаконски дејства затоа што предизвикуваат материјална штета. „Еуроникел“ тоа го има пријавено во полиција и се заканува со постапки за соодветно обесштетување.
– Повикуваме со должно внимание да се пристапи на оваа состојба, како би се спречиле несакани последици и би се избегнале загуби и инциденти во технолошко – производствениот процес, известуваат од поранешно „Фени“.

