
Катица Јанева пред помилување?! – Поднела молба, комисијата расправала, а на потег е Пендаровски
Името на поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева се наоѓа на списокот со осуденици кои чекаат да бидат помилувани.
Помилувањето се врши од страна на претседателот Стево Пендаровски.
Оваа информација за Плусинфо неофицијално ја потврдиле два независни извора од Комисијата за помилување во Кабинетот на претседателот, кои посочија дека последната седница на Комисијата, на којашто се расправало за слободата на Јанева, била одржана пред само една недела.
„Точно е дека осуденичката Катица Јанева поднела барање за помилување. Нејзината молба пристигна во Комисијата за помилување и таа беше разгледувана пред само една недела. Молбата помина, нова седница немаме закажано, па конечната одлука треба да ја донесе лично претседателот Стево Пендаровски“, изјавиле изворите од Комисијата за помилување за Плусинфо.
Инаку, Јанева беше осудена на 7 годишна затворска казна поради злоупотреба на службената положба и овластување како специјална јавна обвинителка во аферата „Рекет“, а во моментов деноте ги поминува како библиотекарка во затворот Идризово.
