
Катастрофален прв сет, па убедлива победа на Синер
Мечот почна шокантно за Синер кој беше во опасност првиот сет да го загуби со 0-6. Муте отвори со 5-0, имаше и две сет топки на свој сервис, но Италијанецот успеа да се извлече и да направи брејк, ама не и да го спаси сетот. Добрата игра од финишот на првиот сет беше рецепт за Синер за продолжението од натпреварот во кој апсолутно доминираше и во следните три сета му дозволи само шест гема на својот ривал кој имаше обилна поддршка од трибините.
Во четвртфиналето Синер ќе игра со Григор Димитров кој во три сета денеска беше подобар од Хуберт Хуркач од Полска.