
Канадска компанија влегува во ФК Пелистер, бараат итна промена на имињата на одредени објекти
Општина Битола, ФК Пелистер АД Битола и канадската компанија Nanook Sports Capital Ltd. ќе потпишат прелиминарен договор за стратешко инвестициско партнерство, со кој е најавено преземање на контролен сопственички удел во битолскиот фудбалски клуб.
Според прелиминарниот договорот во кој увид имаше 4NEWS.mk „Нанук“ ќе стекне 75 проценти од сопственоста на ФК Пелистер, додека преостанатите 25 проценти ќе останат во сопственост на Општина Битола. Основниот договор ќе биде договор за управување, во согласност со Законот за трговски друштва и Статутот на клубот.
Предвидено е сите постојни финансиски обврски на клубот да бидат целосно подмирени од сегашниот сопственик најдоцна до 15 март 2026 година, при што клубот гарантира дека нема да постојат скриени или неоткриени долгови.
Со договорот е утврдена и ексклузивност – до 1 април клубот нема да смее да продава акции или да преговара со други инвеститори без писмена согласност од „Нанук“.
Канадската компанија ќе има одлучувачка улога во управувањето со клубот, додека Општина Битола ќе учествува преку неизвршни членови во Управниот одбор и ќе задржи влијание во развојот на младинската академија и локалната оперативна поддршка.
Договорот предвидува и ребрендирање на клубот во „Pelister Nanook FC“, како и обезбедување спонзорства, меѓу кои и прелиминарен договор со голема банка од Турција, со очекувани приходи од над 200 илјади евра годишно.
На ова реагираше и Габриела Илиевска од независната „Поинаку“ која преку Фејсбук праша дали „Идентитетот на градот се спасва со итно менвање имиња на објекти?“
Плановите вклучуваат зголемување на вкупниот буџет на клубот на два милиони евра до 2029 година, формирање женски фудбалски тим од сезоната 2026/2027 и усогласување со правилата на ФФМ, УЕФА и ФИФА.
Договорот в понеделник е точка на дневен ред на Советот на општината.
