
КАКО НЕКОГАШНИОТ СКОПСКИ САЕМ ГО „ЗАДОЛЖИ“ ГРАДОТ СКОПЈЕ – судски процес за платени комуналии предизвика големи долгови, еве која е позадината
Деновиве топ тема во јавноста е тоа дали е блокирана сметката на Градот Скопје. Спротивни страни излегуваат со различни тврдења.
Упатени извори велат дека сега е завршен судски процес, со чии исход се бара да се вратат 2,9 милиони евра, пари дадени за да се платат комуналии кон Градот Скопје и кон општина Гази Баба, од страна на инвеститори кои тие пари ги уплатиле своевремено, но потоа им била укината дозволата за градење.
Но, од Град Скопје се децидни дека ниту е блокирана нивната сметка, ниту е загрозено материјално-финансиското работење на оваа општина.
Според нашите сознанија, станува збор за два паралелни судски процеси кои се воделе во врска со некогашниот Скопски саем. Едниот се однесува на стечајната постапка, додека другиот се однесува на сусдки процес кој бил покренат во 2017 година, од страна на бугарската компанија која своевремено го купи саемот од словенечката ЕРА.
Имено, за работите да станат појасни, треба да се напомене дека во 2005 година скопскиот Саем го купи словенечката компанија ЕРА, која имаше намера на таа локација да гради голем шопинг мол, со познати брендови, а во него да има и многу други забавни и културни содржини.
За таа цел компанијата добила дозвола за градба, и платила 2,9 милиони евра за комуналии, од кои 60 отсто се средства кои отишле за град Скопје, а 40 отсто за општината на која се наоѓа таа локација, а во конкретниов случај станува збор за општината Гази Баба.
Своевремено словенечка ЕРА ископа и дупка на таа локација со цел да ја реализира својата инвестиција, но таа компанија потоа не успеа да ја оствари инвестицијата и го продава бизнисот на бугарска компанија. Но, бугарската компанија во 2017 година се соочува со одземена дозвола за градба, и го покренува судскиот процес, со цел да си ги врати назад средствата за комуналиите кои своевремено биле платени, бидејќи тие го купиле бизнисот од Словенците, па така и добиваат улога да ги побараат назад платените комуналии. Тој траел се до неодамна и се пресудило во корист на инвеститорот, бидејќи, кога се веќе платени комуналии, тие пари треба да му се вратат на инвеститорот кога му се одзема дозволата за градба.
Сега сето тоа влегува во стечајната маса од некогашниот Скопски саем кој сега е во стечај. Нашите извори велат дека тие два процеси се и на некој начин поврзани.
Од Град Скопје, пак, вчера испратија соопштение, во кое тврдат дека сметката на градот Скопје не е блокирана, ниту пак во овој момент е загрозено материјално-финансиското работење на администрацијата.
„За жал, точно е дека градот Скопје има неплатени обврски кон приватни субјекти, а во случајов се работи за долг кој го направил екс-градоначалникот Коце Трајановски, а потоа не успеал да го плати ниту екс-градоначалникот Петре Шилегов.
Ваквиот начин на работа на овие политичари, и нивните политички опции не само што го загрозува работењето на градот, како во случајов, туку 33 години ја става државата во должничко ропство. Повеќе од три децении граѓаните на Р.Македонија отплаќаат долгови кои ги генерира секоја владејачка гарнитура, полнејќи ги сопствените приватни џебови со пари кој денес ги враќаат граѓаните.
Градот Скопје во последната година дена успеа да го врати својот кредитен рејтинг на највисоко ниво во последниве 15 години, за што предуслов е токму намалувањето на акумулираните долгови, систематското материјално-финансиско работење и консолидацијата на финансиите.
Сепак, ја разбираме потребата на поединци кои во недостиг на идеја, со полуинформации да креираат сензационализам“, се вели во соопштението кое го испратија од Град Скопје.
Н.Н.Ф.
