
Кајмакоски бил киднапиран се огласи неговата ПР, Миланка Рашиќ – смирено и храбро се соочил со киднаперите
Веста дека Даниел Кајмакоски ноќеска бил киднапиран во близина на Бетон хала во Белград е точна, соопшти неговата ПР Миланка Рашиќ.
Таа информира дека разговарала со пејачот и дека тој е во добра здравствена состојба и се наоѓа дома, по ноќта помината во полиција.
Според информациите што ги сподели, непознати лица, за кои се наведува дека се странски државјани, го врзале Кајмакоски и го возеле во неговиот автомобил, барајќи му 20.000 евра. Додека се движеле во правец на Рума, сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во тој момент автомобилот удрил во банкина, по што осомничените излегле и избегале.
Кајмакоски потоа поминал неколку часа во полициска станица, по што бил пуштен.
Од неговиот тим велат дека пејачот смирено и храбро се соочил со ситуацијата, но во интерес на истрагата засега нема да дава јавни изјави. Од негово име, ПР-службата им се заблагодари на сите кои изразиле грижа и поддршка.

