
JAНУАРИ Е МЕСЕЦ НА ПРАЗНИЦИ: Се „истенчи“ џебот на граѓаните
Јануари е месец
со повеќе празници, но и повеќе трошоци. Нова година, Божиќ, Водици се денови
за кои се спрема побогата трпеза од вообичаено, а дел од граѓаните ја слават и
Стара Нова година.
Граѓаните велат
дека овој месец имале зголемени трошоци, но се труделе да бидат рационални и
достојно да ги одбележат празниците како што налага традицијата.
„Луѓето можат да
се снајдат месецов ако се разумни со парите. Не само јануари и септември
апсолутно е месец кога има доста трошоци за оние кои имаат деца. И преку лето
кога се оди на одмор, има повеќе трошоци, но секој треба да си распореди колку
има средства“, вели Силвана Р. граѓанка.
Додаваат дека
секој си ги пушта нозете колку што му е долга чергата.
„Тешко е, штедиме
и за празници, скратуваме со мали пензии“, рече Цеца П. граѓанка.
Некои од
анкетираните велат дека купувале од сè по малку за празниците.
„Ако ми треба
килограм, купував по пола килограм, само колку да ги одбележам празниците, а
однапред да се заштеди за празници е скоро невозможно со ниски примања“,
објаснува граѓанка.
Месецов се
купуваше овошје, риба, месо, за празничните трпези.
„Кој знае да води
сметка, парите стигаат, зошто да не? Јас цел живот се водам по тоа правило“,
рече Славе И. пензионер.
Социологот
Лилјана Полевска вели дека луѓето кај нас се навикнати да штедат.
„Секако дека
треба да ги планираат своите средства. Добро е луѓето доколку можат да
заработат нешто плус, но не секогаш ја имаат таа можност, а празниците се убави
моменти кои треба да се одбележат“, рече социологот.
Кај минималната
кошничка за јануари има поскапување. Вредноста на синдикалната минимална кошница за
јануари изнесува 57.163 денари. Пресметката ја објави
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Во однос на онаа од претходниот месец која
изнесуваше 56 522 денари, јануарската кошница е поскапена за 641 денар. Сепак, за разлика од општествениот слој кој
живее скромно, секоја година има и луѓе кои се поимотни и за празниците
патуваат на далечни дестинации.
Сања Атанасовска
foto freepik.com
