
ИЗВРШНИОТ ДИРЕКТОР ПЕТАР АНДРЕЕВСКИ ГИ ЗАЈАКНУВА КАПИТАЛНИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ВФП ФОНД МЕНАЏМЕНТ – сега има 17 отсто, а ќе докупи 5.250 акции
Петар Андреевски, главен извршен директор на ВФП Фонд Менаџмент, кој сега поседува 17 проценти од акциите на ова друштво за управување со фондови, или 89.250 акции, ќе стекне уште 5.250 акции од компанијата.
Согласност да докупи акции од ВФП Фонд Менаџмент директорот Петар Андреевски добил од Комисијата за хартии од вредност, која за тоа донела одлука на својата седница одржана во петокот минатата недела.
„Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на 24-та седница со која претседаваше Претседателкaта на КХВ М-р Нора Алити, а се одржа на 26 јануари, 2024 година донесе Решение со кое на физичкото лице Петар Андреевски му се дава согласност да стекне квалификувано учество во Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје, односно да стане сопственик на дополнителни 5.250 обични акции со право на глас. Во моментот на поднесување на барањето Петар Андреевски во Друштвото за управување ВФП Фонд Менаџмент АД Скопје директно поседува 89.250 акции или 17 отсто“, се вели во соопштението од Комисијата за хартии од вредност после одржаната седница.
Во мај 2022 година, со цел да одговори на новите потреби, ВФП Фонд Менаџмент, заедно со другите две компании од ВФП Групацијата, ВФП АД Осигурително брокерско друштво и ВФП Плус Консалтинг ДОО, склучи договор со Луна Корпорација за купување на деловен простор во центарот на Скопје. Се работи за модерен деловен простор, од околу 1000 м2, кој е дизајниран да понуди максимално добри услови за брзо, ефикасно и соодветно опслужување на инвеститорите, стоеше во тогашното соопштение од компанијата.
Н.Н.Ф.
