
ИЗВОЗОТ СЕ НАМАЛИЛ ЗА 6,5 ПРОЦЕНТИ, УВОЗОТ МИНИМАЛНО – трговскиот дефицит падна на 70 проценти
Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 7.781,2 милиони евра и бележи пад од 6,5 проценти во однос на истиот период од претходната година, објави Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 11.062,4 милиони евра, што е за 0,8 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 3.281,2 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 70,3 отсто.
– Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица – се наведува во анализата на ДЗС.
Во периодот јануари – декември 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.
