
Измените на Кривичниот законик на дневен ред во Собранието
Денеска во Собранието на Република Северна Македонија се одржува 80. седница на која пратениците ќе расправаат за повеќе законски предлози и кадровски промени. На дневен ред е верификација на мандатот на пратеникот Беким Сали, кој беше именуван за прв вицепремиер и министер за европски прашања, како и разгледување на предлози за измена на законите, меѓу кои и измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои се разгледуваат во прво читање.
Измените на Кривичниот законик имаат за цел отстранување на слабостите во постојните одредби и постапување согласно Решение на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година.
Пратениците ќе дискутираат и за Предлог-законот за престанување на важењето на Законот за вонсудско спогодување, како и за предлозите за изменување и дополнување на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување и на Законот за системот за проценка на лица со попреченост, како и за Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа, со цел дополнително финансирање на Проектот за изградба на фискултурни сали, сите во прво читање.
Дополнително, на дневен ред се и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за полиција и на Законот за внатрешни работи, кои ќе се разгледуваат по скратена постапка.

