
ИСТРАЖУВАЊЕ: Младите од 11 до 15 години во Македонија имаат нарушено ментално здравје
Алармантни податоци на денот кога светот го одбележува Меѓународниот ден на менталното здравје. Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја. Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности.
Денеска, кога светот го одбележува Меѓународниот ден на менталното здравје, Регионалната канцеларија на СЗО за Европа ги објави најновите податоци за ментално здравје од студијата Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ), откривајќи широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија: широко распространет пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња. Сликата во Северна Македонија не е далеку од овие состојби. И кај нас со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години.
Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби истовремено, повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години.
Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата.

Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Северна Македонија. Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во Северна Македонија таа бројка е 31%. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности.
За овие наоди, Лина Ќостарова Унковска, водечки истражувач на студијата за Северна Македонија изјави: „Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Северна Македонија ова е повик за преземање акција – да разбереме подлабоко, да делуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка.“
По повод овие наоди ги слушнавме и младите и нивните пораки до родителите, наставниците и политичарите се јасни:
„ Важно нѝ е родителите да нѐ сфатат и да ги земат предвид нашите чувства и потреби во врска со училиштето и секојдневниот живот. Сакаме да имаме доверба во нив и отворена комуникација за да не се чувствуваме осамени, туку поврзани. Би сакале да имаме модерна и интересна настава која ќе нѐ мотивира на успех и ќе го направи училиштето место во кое ќе сакаме да одиме, во кое ќе бидеме вклучени и нашето мислење ќе биде земено предвид. Нашата порака до политичарите е да обезбедат заштита за сите деца и закони со кои ќе се подобри нашето образование.“ – средношколците Алтина и Даријан ги пренесоа заклучоците од работилницата со нивни врсници за резултатите од истражувањето, на 20 годишниот јубилеј од спроведувањето на студијата ХБСЦ во Северна Македонија.
„Овие серизни наоди како и изјавите на децата го адресираат училиштето како агенс на промена. Да ги направиме училиштата места каде учениците ќе се чувствуваат безбедно и задоволно. Да ги поддржиме учениците тие да бидат изворот на промените во училиштата преку користење на своите потенцијали, креативност и лидерство. Искусувањето на процесите на партиципација низ лично доживување е основа на менталното здравје и добросостојба“ – тврди Ана Попризова, училиштен психолог во скопската гимназија Орце Николов и претседателка на активот на стручни соработници на Град Скопје.
