
ИСЧЕЗНАА ТИНЕЈЏЕРКИ: Во Грција има потрага по две девојчиња
Две тинејџерки од Грција влегле во такси и оттогаш им се губи секоја трага. Потрагата по нив трае веќе два дена.
Елефтерија С. (13) и Екатерини П. (14) од Калитеа, Грција, исчезнале вчера попладне откако наводно влегле во такси и се упатиле кон непозната дестинација.
Грчката невладина организација „Насмевката на детето“ веднаш по налог на Обвинителството објави детали за нив бидејќи постојат причини поради кои се смета дека нивните животи се во опасност, јавуваат регионалните медиуми.
Екатерини П. има кафеава коса, кафеави очи, висока е 1,65 метар и тежи 80 килограми. На денот кога исчезнала таа носела бела блуза, црн кардиган, црни панталони и бели патики.
Елефтерија С. има црна коса, кафеави очи, висока е 1,70 метар и тежи 85 килограми. На денот кога исчезнала носела црна тренирка со бела лента, црна јакна и бели патики.
Од полицијата апелираат доколку некој има информации, да се обрати до полициските станици во Грција или на европската телефонска линија за исчезнати деца – 116000.