
ИНТЕГРАЛНО Говорот на обвинителот Коцевски за обвинението за трагедијата во Кочани
На денешната прес-конференција државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски откри детали за истрагата во врска со случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во продолжение говорот на Коцевски:
„Обвинителскиот тим кој постапуваше внимателно го анализираше целокупниот прибран доказен материјал и денеска до Основниот суд во Кочани поднесе Обвинителен акт против 34 физички и три правни лица за кривични дела со кои заеднички со учество во дејствие на извршување на кривично дело или со друг особен придонес кон извршување на делото, предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери на место каде што се собрани поголем број луѓе, односно на 16.03.2025 година, при настапот на музичката група ДНК во угостителскиот објект „КЛУБ ПУЛС“ Кочани каде во пожар 62 лица го загубија животот, со тешки телесни повреди се здобија 157, а со телесни повреди уште 54 лица.
Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а дел од нив и со директно општоопасно средство и дејствие со кое бил предизвикан пожарот.
Тројца обвинети во својство на одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги КЛАСИК ДМ ДОО Кочани со подружницата Кабаре ПУЛС Кочани, односно Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ММММ КАФЕ ДООЕЛ Кочани со подружницата на правното лице КЛУБ ПУЛС Кочани, од 13.12.2012 година до 16.03.2025 година во наведениот објект вршеле угостителска дејност, иако:
Првообвинетиот во временскиот период во 2012 и 2024 година во повеќе наврати преземал градежни дејствија со кои извршил реконструкција со пренамена на објектот при што неконтролирано без стручен надзор вградувал несоодветни материјали-синтетички, полимерни материјали и полиуретански сунгер кои носат ризик од лесно започнување и брзо ширење на пожар и други опасности од пожар, па во наведениот објект не биле исполнети минимално-техничките услови ниту основните стандарди и барања за заштита од пожар и за безбедност и заштита од пожар за да во него се врши угостителска дејност. Практично, во објектот не бил испочитуван ниту еден пропис во однос на квалитетот на вградените материјали, носивоста и стабилноста на конструктивните елементи, бројот и големината на излезите за евакуација, бројот на паркинг места, преградувањата на објектот, но и во однос на предвидување, располагање и употреба на соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење на пожари и противпожарни апарати.
Обвинетиот сопственик на објектот во кој функционирал клубот со умисла помогнал така што дозволил и учествувал во градежните активности за вршење угостителска дејност, иако знаел дека објектот во негова сопственост нема таква дозволена намена ниту пак како сопственик поднел барање за реконструкција со пренамена.
Обвинет е и братот на првообвинетиот, како одговорно лице за продажба на влезници и контролирање на бројот на посетители и нивната возраст, бидејќи континуирано во договор со својот брат, не постапувал според прописите и техничките правила за заштита согласно на чл.12 ст.5 од Правилникот за минимално-техничките услови за вршење на угостителската дејност, не водел сметка и продавал поголем број влезници со што овозможувал влез на поголем број посетители од дозволениот во клубот. Воедно не постапувал согласно чл. 35 ст.3 од Законот за угостителска дејност и дозволувал во објектот да влезат лица помлади од 18 години, иако бил свесен дека објектот не исполнува никакви безбедносни услови за заштита од пожари и знаел за незаконските дејствија на реконструкција со пренамена со кои биле прекршени прописите и техничките правила за заштита.
Обвинета е сопственичка и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на член 47 од Законот за градење бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази односно делови и елаборати кои задолжително мора да ги содржи основниот проект. Во 2023 година, повторно незаконски, таа му изготвила основен проект, користејќи го како образец претходниот документ при што ја сменила насловната страна како да е документот изготвен во 2023 година, за да може обвинетиот и инвеститорот ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани понатаму незаконито да го користи документот како основа за вршење на угостителска дејност и добивање лиценца.
Тројца обвинети во својство на службени лица – овластени градежни инспектори во Општина Кочани, иако биле самостојни во вршењето инспекциски надзор, со непостапување според прописите и техничките правила за заштита, спротивно на своите права и должности предвидени во Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, во целиот период кога биле овластени градежни инспектори воопшто не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичката состојба и изведување докази, не наредиле отстранување на неправилностите, и не донеле решение за да го задолжат сопственикот за враќање на објектот во првобитна состојба. Свесни биле дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување и овозможиле ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност – кабаре.
Обвинети се три лица кои во периодот од 2012 до 16.03.2025 година ја извршувале функцијата градоначалник на Кочани, бидејќи иако согласно Законот за локалната самоуправа ја застапувале и претставувале општината и биле должни да се грижат за спроведување и почитување на деталниот урбанистички план за општина Кочани, знаеле дека објектот таканаречено кабаре Клуб Пулс, претставува безбедносно опасен објект за вршење на угостителска дејност, бидејќи не ги исполнувал законските услови согласно член 97 ст.1 од Законот за градење, а Деталниот урбанистички план на Општина Кочани не дозволувал на таа локација да постои угостителски објект кабаре, сепак не презеле никакви службени дејствија за утврдување на неправилности, санкционирање и затворање на угостителскиот објект Кабаре Пулс, па така со своето непостапување му овозможиле на првообвинетиот и правното лице незаконито да вршат угостителска дејност. Во услови кога сопственикот на објектот никогаш не поднел барање за реконструкција со пренамена, градоначалниците не наредиле надзор на овластените градежни инспектори во рамките на инспекциската служба во состав на Општина Кочани спротивно на Законот за инспекциски надзор, не донеле Годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластените градежни инспектори за вршење инспекциски надзор на наведениот објект засновани на проценката на ризик со оглед да објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје. За постоењето и работењето на објектот Клуб Пулс никогаш не ги известиле Дирекцијата заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена. Воедно, спротивно и на неколку члена од Законот за заштита и спасување, иако постоел континуиран ризик не презеле мерки за превенција, за ублажување и спречување на настанување на можните опасности од други несреќи и не предложиле план за заштита и спасување кои задолжително се применуваат во објектите за вршење на туристичко угостителска дејност. Без овој објект да биде впишан во регистарот на општината согласно чл.4, чл. 4-а и чл. 4-б од Законот за угостителска дејност, овозможиле на првообвинетиот да плаќа надоместок за вршење на угостителска дејност-кабаре во износ од 4.000 евра, од кои половина биле уплаќани на сметка на општината.
Во однос на обезбедувањето на дискотеката, обвинение е поднесено против управителот на обвинетото правно лице – агенција за обезбедување од Скопје и уште четири лица припадници на обезбедувањето, од кои еден воопшто не поседувал лиценца за да врши физичко обезбедување. Против реалниот сопственик на агенцијата за кого истрагата беше отворена пред неколку дена таа продолжува до нејзиното завршување. Сите тие не постапиле согласно Законот за приватно обезбедување и не презеле мерки и активности за спречување и откривање на штетни појави и противправни дејствија кои го загрозуваат телесниот интегритет и имотот што се обезбедува. Клубот “Пулс” го обезбедувале без писмен договор, без претходна безбедносна проценка и проверка на сигурносните услови на објектот, опасност и можност за евакуација во случај на опасност, проверка на влезови и излези и нивна исправност, како и преполнетост на капацитет на посетители на објектот. Сите овие услови наложувале агенцијата задолжително да изготви План за обезбедување при одржување на јавен ред на настан од забавен карактер со присуство на поголем број на посетители и да ангажира повеќе работници на обезбедување, а таков план не бил изготвен и доставен на одобрување до надлежен орган на подрачјето каде се одржува настанот. На критичниот ден не контролирале и овозможиле влез и присуство на малолетни лица во објектот по полноќ, а исто така не го спречиле внесот и користењето на експлозивни материи- пиротехнички средства од страна на членови на музичката група ДНК со кои бил предизвикан пожарот.
Четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 до 16.03.2025 година, како и едно службено лице генерален инспектор кој за целиот тој временски период бил раководител на инспекциската служба во ДЗС, заеднички со особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и не преземале мерки и активности за заштита на животите и имотот на луѓето од пожари, предвидени во чл.68 од Закон за заштита и спасување. Не постапиле и според чл.139 од Закон за заштита и спасување односно не организирале надзор над спроведување на одредбите од Закон за заштита и спасување и прописите кои произлегуваат од самиот закон и подзаконските акти – правилници. Директорите како службени лица на Дирекција за заштита и спасување не постапиле и според чл.49 ст.2 и чл.55 ст.2 од Законот за организација на органи на државна управа, со тоа што во целиот тој период не донеле одлука за распоредување работник – инспектор за заштита и спасување на Општина Кочани. Обвинетиот раководител на инспекциската служба не постапил според чл.31 од Закон за инспекциски надзор така што не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба, за да обезбеди ефикасна примена на прописите кои се однесуваат на инспекцсикиот надзор за заштита и спасување при изготвување на годишните планови за работа на инспекциската служба, така што до 2020 година во годишните планови воопшто не предвидел спроведување инспекциски надзор над објекти на Општина Кочани.
Од 2021 година постапувал спротивно на Методологијата за проценка на ризик при планирање на инспекциски надзор од областа на заштита и спасувањето и иако знаел дека на подрачјето на Општина Кочани има објекти кои вршат угостителска дејност-дискотеки и кабареа никогаш не бил испланиран и спроведен инспекциски надзор, а такви мерки и активности не бил преземен и во однос на дискотеки и кабареа низ територијата на целата држава. Со тоа овие осомничени овозможиле угостителскиот објект „Кабаре Пулс“ Кочани да обавува дејност од забавен карактер наменета за голем број на посетители, иако не ги исполнувал условите за заштита според пропишани стандарди со што ги изложиле посетителите на угостителскиот објект на опасност во непроверен и неконтролиран субјект на надзор.
Обвинетите пет државни службеници, еден државен секретар и двајца министри воопшто не постапиле според прописите или техничките правила за мерките за заштита утврдени во чл.6, чл.20, чл.21-б и чл.56 од Законот за угостителската дејност в.в чл.32 ст.3 од Законот за инспекциски надзор, на начин што во континуитет издавале лиценци за вршење угостителска дејност – Кабаре на објектот – „Кабаре ПУЛС“ во Кочани, иако согласно чл.31 од Правилникот за минимално техничките услови за вршење на угостителската дејност, во текот на целиот временски период објектот спаѓал во категорија на диско клуб, без притоа да ги исполнува пропишаните минимално-технички услови од Законот за угостителска дејност. Во состојба на нецелосна документација за издавање на лиценца воопшто не постапиле согласно чл.24 ст.1 од Правилникот за внатрешна организација и работа на Министерството за економија и не иницирале вршење на вонреден инспекциски надзор до Државниот пазарен инспекторат за проверка на минимално техничките услови. Во обвинението детално се наведени пропустите кај секоја од лиценците поединечно. Во оваа група, за пет лица, меѓу кои двајца поранешни министри, постапката е запрена, бидејќи обемот на прибраниот доказен материјал до овој момент не е доволен за да се покрене обвинение против нив.
Како поединечни случаи, во истрагата се обезбедија докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за “Пулс” и кој директно побарал и примил подарок за себе и за други за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Во 2019 од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари парична награда кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за поголема имотна корист од 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка.