
„Има ли збор за мајка што го изгубила детето?“
„Од вас не барам сожалување, од вас барам да ја признаете вината. Вашите потписи на секој еден документ ја напишаа судбината на нашите деца. Тие не починаа од природна смрт, тие беа убиени, задушени.“
Со овој директен крик кон обвинетите функционери и сопственици, Ирена Минова го заврши своето сведочење. Таа пред судот откри клучен детал за историјата на објектот „Пулс“, кој потврдува дека тој не бил наменет за дискотека.
Во хаосот додека ја барала ќерка си, Ирена се сетила дека го познава објектот. „Ми беше познат, бидејќи пред 12 години таму бев вработена кога беше магацин за ташни. Знаев дека има друг влез од десната страна. Се качив по скалите, но од ходникот излегуваше густ црн чад. Стигнав до средината и се вратив – знаев дека таму нема преживеани,“ раскажа таа.
Најтешкиот момент бил пронаоѓањето на 16-годишната Драгана. Сопругот веќе ја нашол и стоел до неа. „Бев среќна што нема изгореници, мислев дека е само онесвестена. Но, сопругот знаел дека е почината. Пробал да ѝ даде вештачко дишење, но немала пулс, се слушале само чудни звуци (воздух). Не сакаше да ми каже, ја зеде во раце, ја стави во кола и ја однесовме во болница,“ сведочеше мајката.
Во болницата, Драгана лежела на подот додека медицинскиот персонал се обидувал да помогне. Мајката се надевала сѐ додека докторката не наредила да ја однесат. „Мислев ќе ја качат на одделение, но ја свртеа кон мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојот живот го изгубив засекогаш. Ги испративме на диско, а ги дочекавме во сандуци,“ рече Минова низ плач.
Таа го затвори сведочењето со прашања кои останаа да висат во судницата: „Кога дете ќе изгуби родител е сирак. Но, кога мајка ќе го изгуби детето, има ли збор со кој може да ја наречат? Бројката 63 не е само број за на хартија, тоа се 63 згаснати универзуми.“
