
Ига Швјонтек го одбрани пехарот на Ролан Гарос!
Попладнево, го одигра најтешкото од сите тие три финалиња, против Каролина Мухова од Чешка, совладувајќи ја со 6-2, 5-7, 6-4.
Малку работи навестуваа дека 22-годишната тенисерка од Полска ќе треба да се мачи и да мине два часа и 50 минути на „Филип Шатрие“, кога водеше со 6-2 и 3-0 во вториот сет. Но дојде до криза во нејзината игра, Мухова направи серија од 5-1 во гејмови и го доби сетот во 12. И третиот сет не беше амнестиран од драма. Швјонтек двапати губеше сервис и двапати се враќаше до конечните 6-4.
Ова е нејзин трет трофеј од Ролан Гарос и четврти од грен-слем турнирите, бидејќи лани триумфираше и во Њујорк. За Мухова, која е 43. на ВТА-листата, ова беше најголемиот дострел на грен-слемите.
