
ИЈЗ СО РЕЗУЛТАТИ ОД МЕРЕЊАТА ПО ПОЖАРОТ: Нема зголемена радијација во воздухот, се земаат мостри од водата и почвата во Трубарево
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги смирува стравувањата на јавноста, информирајќи дека мерењата на јонизирачко зрачење во воздухот во Скопје по пожарот во Трубарево не покажуваат никакво зголемување ниту отстапување од нормалните вредности. Како дополнителна мерка на претпазливост, Институтот испрати специјализирани екипи на терен да земат примероци од водата и почвата во непосредна близина на опожарениот објект.
Според официјалното соопштение, автоматскиот систем за мерење на радијација во воздухот работел непрекинато во периодот од 7 до 14 септември. Податоците од мерната станица во Скопје покажуваат дека просечната вредност во овој период била 51 наносиверт на час, додека денешната вредност измерена во 11:30 часот изнесувала 50 наносиверти на час.
„Сите овие бројки се во рамки на природниот радијациски фон, односно нормалното природно зрачење кое секогаш е присутно во нашата околина. Нема никакви вредности кои би укажале на зголемена радиоактивност или на ризик за здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на ИЈЗ.
Како одговор на кризната состојба и по насока на владиниот кризен штаб, обучени екипи на ИЈЗ се на терен за да земат примероци за анализа од бунари и чешми што ги користат домаќинствата во близина на пожарот, како и мостри од почвата за испитување на евентуално јонизирачко зрачење и други физичко-хемиски анализи. Резултатите од овие испитувања ќе бидат јавно објавени веднаш по нивната обработка.
Институтот за јавно здравје продолжува внимателно да ја следи состојбата во координација со сите надлежни институции и апелира до граѓаните да ги следат веќе издадените здравствени препораки.
