
И СТРАНЦИТЕ, АМА И МАКЕДОНЦИТЕ ЛАНИ ПИЕЛЕ ПОМАЛКУ ОД ПРИРОДНИТЕ ОВОШНИ СОКОВИ – еве зошто се намали добивката на скопски „Фруктал“
Дали затоа што
домашните и странските купувачи испиле помалку сокови или поради некои други
причини, но компанијата „Фруктал Мак“ лани забележала сериозно намалување на својот
профит, и тоа за 60 проценти.
Според билансот
на успех на ова акционерско друштво, тоа минатата година ја завршило со чиста
добивка од 328 илјади евра, што е намалување за 60 проценти во однос на 822
илјади евра колку што добивка прокнижи компанијата за претходната 2022 година.
Која е причина за
ова „своевидно“ потфрлање, од компанијата во своето образложение испратено до
инвеститорската јавност не даваат повеќе детали, туку само таксативно
наведуваат какви се финансиските резултати од Билансот на успех.
Ако тој се
погледне, може да се заклучи дека се намалени оперативните приходи на
друштвото, кои всушност говорат за тоа какви биле резултатите од нивната
основна дејност. Тие не дека биле ниски, напротив, достигнале 7,4 милиони евра,
но во однос на 2022 година се пониски за 18 проценти.
Намалени се
приходите од продажби и на домашниот и на странскиот пазар, при што треба да се
констатира дека лани странците испиле повеќе сокови на „Фруктал Мак“ во однос на Македонците.
Или, приходите од
продажба на македонскиот пазар лани изнесувале 3,4 милиони евра, што е
намалување за 11 отсто во однос на истиот период минатата година.
Додека, пак,
приходите од странскиот пазар биле на ниво од 3,8 милиони евра, но кај нив падот
е повисок, за дури 24 проценти. Главни земји кои го купуваат овој сок се Босна
и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора.
Оперативните
расходи, пак, биле намалени за 14 проценти, достигнувајќи ниво од 6,9 милиони
евра.
Она што исто така
малку придионело на намалување на добивката, секако дека е намалувањето на
финансиските приходи на мкомпанијата, кои биле на ниво од 20 илјади евра, и се
пониски за 19 проценти во однос на претходната година, додека, пак, има
значајно зголемување на финансиските расходи, кои се за дури 23 проценти
повисоки од претходната 2022 година и изнесувале 37 илјади евра.
„Фруктал
Мак“ е во речиси целосна сопственост на словенечки Фруктал од Ајдовшчина,
кои поседуваат 95,92 проценти од акциите, а има и 226 домашни физички лица,
како и една домашна и една странска фирма, нои и едно странско физичко лице,
кои поседуваат по сосема мали акционерски пакети од оваа компанија.
Основна
дејност на компанијата „Фруктал Мак“ АД Скопје, како
што образложиле во податоците за својата основна дејност, е производство на високо
квалитетни овошни сокови, нектари и пијалаци изработени без конзерванси притоа
користејќи го најдоброто и најсочното овошје од Македонија, споено со знаењето
и технологијата на стручњаците на Фруктал од Словенија. Фабриката Фруктал Мак
а.д. Скопје е лоцирана на патот кон Зелениково на 15 км од Скопје, во еколошки
чиста околина. Се простира на површина од 192.000 м2 од кои голем дел се
овоштарници насадени со праски, кајсии и јаболки. Денес фабриката брои 70
вработени. Се произведуваат готови производи за домашен и странски пазар, и тоа
за Босна и Херцеговина, Србија,
Косово и Црна Гора.
Н.Н.Ф.
