
Христијани и муслимани заедно се криеле во грчка црква која беше бомбардирана, 18 лица загинаа!
Грчката православна црква во Појасот Газа, која беше засолниште за стотици Палестинци, беше погодена од израелски воздушен напад во текот на ноќта, а властите во Газа издадоа нов број на жртви од 18.
Канцеларијата за медиуми во Газа, управувана од Хамас, соопшти дека загинале 18 христијански Палестинци, но од црквата нема информации за конечниот биланс на жртвите.
Израелската армија соопшти дека дел од црквата бил оштетен во нападот на командниот центар на милитантите и дека го истражува инцидентот. Палестинските власти соопштија дека најмалку 500 муслимани и христијани се засолниле во црквата од израелските бомбардирања.
Православната црква во соопштение напиша: „Православната патријаршија на Ерусалим изразува најостра осуда за израелскиот воздушен напад што го погоди нејзиното црковно наследство во градот Газа“.
На видеото од местото на настанот во црковниот комплекс се гледа како ранетото момче ноќе го изнесуваат од урнатините. Работник во цивилната заштита изјави дека две лица на горните катови преживеале. Оние на долните катови беа убиени и се уште се во урнатини.
Се проценува дека 1.000 од 2,3 милиони жители на Газа се христијани, од кои повеќето се православни Грци.
Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони го погодиле блискиот командно-контролен центар што бил користен за извршување напади врз Израел. „Како резултат на нападот на ИД, ѕидот на црквата во областа беше оштетен. Свесни сме за извештаите за жртви. Инцидентот се разгледува“, се вели во соопштението.
Речиси 3.800 луѓе во Газа се убиени од 7 октомври во израелски напади, а повеќе од еден милион останале без покрив над главата, според палестинските здравствени власти. Цивилите велат дека нивната ситуација е очајна бидејќи снема храна, вода, гориво и медицински материјали.
Израелската армија собрала војници и опрема во близина на границата со Газа, јавува Ројтерс.
