
Хигиенските контроли во Карпош: Патогени бактерии откриени само во „Димо Хаџи Димов“
Освен во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, во ниту едно друго училиште на територијата на општина Карпош не се откриени патогени бактерии, соопштија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Оттаму информираат дека на 27 ноември, Агенцијата за храна и ветеринарство заедно со стручни лица од ИЈЗ спровела вонредна контрола во девет основни училишта во општината. Од секое училиште биле земени мостри од храна, како и брисеви од работните површини во кујните. По лабораториските анализи не било утврдено присуство на патогени бактерии во испитаните примероци, со исклучок на едно училиште каде на две површини биле детектирани ентеробактерии – индикатор за недоволна хигиена, наведуваат од ИЈЗ.
Резултатите поврзани со контролата во ОУ „Димо Хаџи Димов“ веќе се доставени до надлежните институции.
Во соопштението дополнително се истакнува дека ИЈЗ ќе предложи иницијативи за измени во Националната годишна програма за јавно здравје, како и во релевантните правилници, законски и подзаконски акти. Целта е подобрување на хигиенските стандарди во училиштата и градинките, како и обезбедување побезбедна храна и вода, со што ќе се унапреди заштитата на јавното здравје.

