
Хаос во Парламентот: Грузиските политичари се степаа за време на расправа за контроверзен закон
Грузиските политичари се судрија во парламентот за време на расправата за контроверзниот закон за „странски агенти“ што владејачката партија се обидува да го донесе.
На видеото објавено во понеделникот на грузиската телевизија, Мамук Мдинарадзе, лидерот на парламентарната фракција на владејачката партија Грузиски сон и главниот носител на законот, беше удрен во лицето од пратеникот на опозицијата Алеко Елисашвили.
Инцидентот предизвика поголема тепачка меѓу неколку пратеници, што повремено се случува во често бурниот парламент на Грузија. Елисашвили подоцна беше пречекан со овации пред зградата на парламентот од демонстрантите кои се собраа таму поради споменатиот закон, објави Гардијан.
Грузискиот сон претходно овој месец соопшти дека повторно ќе воведе законодавство со кое се бара од организациите кои добиваат средства од странство да се регистрираат како „странски агенти“ или да плаќаат казни. Партијата се откажа од истиот закон пред 13 месеци откако избувнаа протести поради него.
Законот ги наруши односите со европските земји и со САД, кои се противат на неговото усвојување. Европската унија, која на Грузија и додели кандидатски статус во декември, рече дека потегот е некомпатибилен со вредностите на блокот.
