
„Халанд ми вика немој вечер да излегуваш и да лумпуваш, јас одговарам – замолчи!“
Во интервју за „Дејли мејл“ Грилиш зборува на повеќе теми, но главно како се чувствувал во Манчестер сити кога дојде и како е сега, речиси две сезони подоцна. Меѓу сите ѕвезди во тимот, признава дека Ерлинг Халанд е нешто посебно.
„Ерлинг е најдобриот професионалец кој сум го видел во животот. Неговиот ‘мајндсет’ е нешто кое нема да го видите кај друг човек. Тој прави сè. Рекуперација, оди во теретана, ледени бањи, десет часа третмани на ден. Диета. Затоа е тоа што е. Јас се колнам не можам да бидам таков. Имаме одлично пријателство со него, но после натпревар ќе покаже со прстот кон мене и ќе рече ‘еј немој вечер да излегуваш и да лумпуваш’. Јас само ќе му речам да замолчи и да се врати во својата ледена бања. Тоа см ние. Двајца различни луѓе, кои ги прават нештата на свој начин. Јас не сум успешен како него. Тој има постигнато голови оваа сезона повеќе отколку јас цела кариера, но да се обиде од време на време да прави како што правам јас сигурно ќе рече ‘денеска се чувствувам ужасно’. Јас имам поинаков вентил. Тој оди дома и седи со семејството, нарачува храна дома. Понекогаш тоа е и мој избор, знам да уживам во тоа, но понекогаш сакам да излезам и да се опуштам“, објаснува Грилиш.
Тој има 45 натпревари оваа сезона во сите конкуренции, на кои постигна пет гола (сите во Премиерлигата) плус 11 асистенции. За споредба, лани одигра 39 меча, во кои учествуваше само во 10 гола, шест пати како стрелец, четири како асистент.
