
Груби: Гласовите на ДУИ во вториот круг ќе бидат за партијата која ќе се заложи претседател да се бира во Собрание
Вицепремиерот за координација на политички прашања на ресорите и министер за политички систем Артан Груби во интервју на ТВ Сител истакна дека доколку кандидатот на Европскиот Фронт, Бујар Османи не помине во вториот круг, условот за да се земат гласовите на ДУИ е претседателот на државата во иднина да се избира во Собранието.
Истите ќе бидат насочени кон онаа политичка партија која ќе се заложи за ова.
На прашањето дали во моментов ДУИ е поблиску до коалиција со ВРМО-ДПМНЕ или со СДСМ, Груби избегна конкретно да одговори велејќи „од денешен аспект најблиску сме до коалиција со народот“.
Во врска со евентуалните коалициски комбинаторики по завршувањето на парламентарните избори, Груби рече дека ДУИ, заедно со „Европскиот фронт“, на претстојните парламентарни избори цели на освојување 20 пратенички места.

