
Грозданов: Подемот на Норвешка се случи зашто таа не потпадна на негативна пропаганда, а Македонија стана заложник
Металуршкиот инженер и аналитичар Виктор Грозданов, во последнат аколумна „Иловица – рудник за живот“, истакнува дека кога ќе се спомене Норвешка, таа веднаш асоцира на држава која посветено се грижи за еколошките стандарди, но, како што додава, Норвешка во текот на својот развој се соочувала со разни предизвици.
-Пред индустриски да се освестат и да почнат да ги плодоуживаат нивните рудни богатства, Норвешка генерално ја базирала својата економија на риболов и земјоделство, за да можат да живеат во некои нормални услови. Но тоа не било живот туку преживување на нацијата. Кога, на почетокот на 20-тиот век донеле одлука дека ќе тргнат во индустријализација прва работа што ја направиле е насочување на нивниот капацитет на слатки води во производство на енергија и изградиле 11 (единаесет) Хидро Електрични Централи за да обезбедат доволни количини индустриска струја за топилниците и тешките металургиски објекти да произведуваат метал со кој ќе станат едни од првите во Европа по квалитет и пред се по извоз на одделни металични суровини. Тоа можеле да го направат само преку своите рудни богатства, пишува Грозданов.
Аналитичарот потенцира дека најголемиот подем Норвешка го доживува со нафтените полиња кои ги има откриено во морињата и државата не потпаѓа на негативната пропаганда за потенцијалот за оштетување на рибниот фонд, особено харингите, кои ги хранеле Норвежаните како нација со векови.
-Затоа што верувале дека постои модерна технологија која ќе им овозможи ем нафта ем риби. Затоа, во 2014 година прогласија дека секој државјанин на Норвешка е милионер (норвешки круни) и дека нивното богатство доаѓа од нафта, додава Грозданов.
Според него, Македонија во овој момент има докажани 25 милијарди евра металична скапоцена руда: злато, бакар и сребро. Грозданов оценува дека со дополнителна екстрактивно хидро или пирометалургиска постапка, потоа со преработувачка металуршка, машинска и електротехничка индустрија, Македонија може да направи фантастичен економски развој по глава на жител за кој ќе ни завидуваат многу развиени држави – по примерот на Норвешка.
-За жал, нашата преубава Македонија и политичките елити во неа, станаа заложници на сомнителни еко активисти кои немаат никаква ниту економска ниту пак технолошка образовна интелектуалност, но затоа имаат доволно (лукративни) мотиви да ја држат земјата во статус кво положба. Во оваа колумна ќе се воздржам да коментирам за нивните идеолошки определби кои во последно време не ги ни кријат. Овие личности се најбројни во југоисточниот крај, Струмица, Валандово, Гевгелија, Богданци, Дојран итн. После долгогодишни научни истражувања овој прекрасен крај, кој во блиското минато е познат по земјоделието, но во далечното минато несомнено бил познат и по рударство, може да стане мотор не целиот економски развој на Македонија. Во овој регион има неколку рудници со злато(шест се на број) со истражена и докажана количина во првите 15 години од 180 тони само злато. Денес еден грам злато чини 70 евра. Ако помножите со 1000 грама од килограм, па со 1000 килограми од тон и на тоа додадете 180 се добива следнава сума која е реалност. Рудно богатство на Македонија во вредност од 12 милијарди и 600 милиони евра за 15 години. Односно 840 милиони евра по година, само од златото. А да зборуваме за богатството од бакарот?, нагласува аналитичарот.
Грозданов смета дека сомнителните еко активисти имаат за цел да ги исплашат граѓаните преку одредени, како што вели, мантри, како на пример дека рудникот ќе загадува, ќе го уништи земјоделието, кое ја храни Македонија, дека наместо 840 милиони евра од рударска индустрија подобро е кредитно да се задолжуваме, дека рудникот ќе ги избрка децата во странство итн.
