
Грчките власти одредија 30-дневен притвор за 28 Хрвати
Сите 30 хулигани кои во петокот се појавија пред истражните судии поради немирите во Атина, се задржани во притвор, меѓу кои 28 Хрвати, еден Грк и еден Албанец.
Во тие немири во атинската населба Неа Филаделфија, во понеделникот беше убиен навивачот на АЕК, Михалис Кацурис.
Според полициски извори, од клучното видео, но и од другите снимки од безбедносните камери, како и од фотографиите, сторителите не можат да се идентификуваат бидејќи носат заштитни шлемови, качулки и фантомки.
Пред истражни судии и јавни обвинители денеска треба да се појават уште 30 обвинети, а утре останатите 45 приведени ќе се изјаснат.
Грчките медиуми објавија дека истрагата го намалила кругот на осомничени на пет лица и тоа тројца грчки државјани, еден Хрват и еден Албанец.
Уапсените Хрвати, навивачи на Динамо Загреб, пред судиите негираа дека имаат ладно оружје со себе, тврдејќи дека само сакале да го гледаат својот тим на тренинг, а негираа каква било поврзаност со убиството на 29-годишниот навивач Михалис Какури.
Обвинетите хулигани најмногу тврдеа дека се нашле на погрешно место во погрешно време и дека не биле вклучени во инцидентите.
Приведените 27-годишен Грк и 22-годишен Албанец изјавиле дека на местото на инцидентот биле само „минувачи“.

