
Градоначалникот на Кочани со апел до Владата: „Отворете ја градинката, 200 деца чекаат место“
Градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, преку социјалните мрежи упати јавен апел до претседателот на Владата и министерката за финансии, барајќи итно одобрување за отворање на новата детска градинка во градот.
Во објава придружена со видео, Крстевски посочи дека веќе две недели безуспешно се обидува да добие средба со министерката Гордана Димитриеска Кочоска, но досега не добил никаков одговор.
„Како КРИЗЕН градоначалник, се обраќам со искрена молба до премиерот и министерката – 200 деца, меѓу кои и деца на самохрани родители и родители со инвалидитет, чекаат место во градинката. Слушнете го гласот на Кочани. Одобрете го пуштањето на градинката“, апелира Крстевски.