
Град Скопје до Меџити: Единствената дестабилизација е откривањето на вашиот криминал
Град Скопје остро реагираше на изјавата на пратеникот Изет Меџити, кој ја обвини градоначалничката Данела Арсовска дека наводно има намера да ја дестабилизира државата. Во писмено соопштение, Одделението за односи со јавност на Град Скопје одговори дека вистинската „дестабилизација“ е откривањето на криминалот поврзан со дивоградбите во Чаир.
„Изет, единствена дестабилизација од мене ќе добиете ти и твојот измеќар Висар што ти ги потпишувал незаконските дивоградби за кои луѓе ви платиле милиони евра“, стои во соопштението.
Од Град Скопје обвинуваат дека зад дозволите за дивоградбите се крие организиран криминал, при што граѓаните биле лажно уверувани дека објектите ќе бидат легализирани. Градот нагласува дека ваквите реакции се дел од обидите да се дефокусира јавноста секогаш кога ќе се откријат злоупотреби.
„Како тоа секогаш кога некој ќе ви чепне во криминалот тоа е ‘обид за дестабилизација’?“, прашуваат од Градот, додавајќи дека јавноста одамна ги препознава ваквите манипулации.
Од таму повикуваат Меџити и Ганиу јавно да одговорат колку пари наплатиле за нелегалните објекти и ги повикуваат да престанат со, како што велат, „глупирање пред јавноста“.