
Град Скопје ја казни фирмата која беше затекната при нелегален приклучок на канализација во Скопје
Фирмата „Адријус“ од селото Глумово, општина Сарај, е затекната на дело додека вршела бесправна градба и правела нелегален приклучок од фекална кон атмосферска канализација на булевар „Словенија“ во Скопје. Ова го објави градоначалничката Данела Арсовска на нејзиниот Фејсбук-профил.
Градот Скопје ја казнил фирмата и поднел пријава до надлежните институции за вршење на кривично дело. Арсовска посочи дека сега е ред на Обвинителството и МВР да преземат понатамошни мерки.
„Како на постапката ќе влијае фактот што фирмата има обрт од 45 милиони евра – не можеме да предвидиме“, напиша Арсовска, додавајќи дека законот мора да важи подеднакво за сите.