
„Голем човек со визија“: Јавноста се простува од младиот бизнисмен Душко Чифлиганец
Бизнисменот Душко Чифлиганец (32) трагично загина за време на трка со мотоцикли во Брно, Чешка. Несреќата се случи во саботата, 2 август, кога тој претрпел сериозни повреди на главата.
И покрај напорите на лекарите, неговиот живот не можеше да се спаси. Јавноста и пријателите се збогуваат со него со емотивни пораки на социјалните мрежи, јавуваат домашните медиуми.
Душко Чифлиганец е син на Ванчо Чифлиганец, сопственик на групацијата „Адора“, и одигра значајна улога во семејниот бизнис како заменик-претседател на групацијата и директор на компанијата „Адора Ливинг Солушнс“.
Покрај тоа, тој беше познат како страствен ентузијаст за мотоцикли и активен учесник во трките со мотоцикли.
Како дел од групацијата „Адора“, беше клучна фигура во развојот на компанијата „Адора Ливинг Солушнс“.
Бројни јавни личности и пријатели изразија тага поради неговата смрт.