ГО ОХРАБРУВАМЕ ФИЛИПЧЕ ДА ПРОДОЛЖИ ДА ГО ВОДИ СДСМ На ВМРО-ДПМНЕ му одговара токму тој да е на чело на опозицијата
Ја разбираме состојбата во која се наоѓа Венко Филипче и бројните внатрепартиски проблеми во кои се наоѓа неговата партија, порача денеска ВМРО-ДПМНЕ, откако поранешни функционери од СДСМ од Платформата 12.05 најавија дека ќе работат на смена на лидерот на СДСМ.
„Тоа што Венко Филипче ја напаѓа ВМРО-ДПМНЕ за деликатноста на внатрепартиските состојби и поделеноста во СДСМ е само со цел да го оттргне вниманието од проблемите и да се обиде да ја задржи кохезијата внатре во партијата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија порача дека за нив најдобро е токму Филипче да остане на чело на СДСМ.
„Од аспект на ВМРО-ДПМНЕ, вистината говори дека за нас нема подобро решение од тоа Венко Филипче да биде претседател на СДСМ. Го охрабруваме да не се откажува и да продолжи да го води СДСМ“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Членови на СДСМ од Платформата 12.05 вчера најавија дека ќе работат на формирање на опозициски фронт, а СДСМ ќе биде стожер на обедувањето, но без актуелното раководство, туку со ново. На ова Филипче им одговори да се вразумат.
.
Извор: plusinfo.mk