
Галопира инфлацијата во Македонија, голем раст на цените во малопродажбата во мај
Инфлацијата мерена во мај во трговската малопродажба во Македонија е зголемена за дури 5,8 отсто во однос на истиот месец од минатата година, објави Државниот завод за статистика.
Според статистиката, поскапувањето минатиот месец на ниво на цела економија изнесува 4,5 проценти во однос на истиот месец претходната година. Станува збор за пораст на цени кои веќе забележале бран на зголемување во текот на минатата година.
За една година најголемо зголемување на цените има кај овошјето за 22 отсто, потоа шеќерот, чоколадите, медот, кај зеленчукот, млекото, сирењето, јајцата, лебот и житата. Скок на цената од 5,6 отсто има и кај алкохолот и тутунот, кај облеката и обувките, мебел, покуќнина, но и кај здравствените услуги. Транспортот поскапел за 10,3 проценти, ресторанските и хотелските услуги 8,5 отсто.
„Зголемувањето се должи на покачувањето на трошоците на животот во делот ресторани и хотели за 3,1 проценти, рекреација и култура за 2,1 процент, транспорт за 1,9 процент, облека и обувки за 1,5 процент, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1 процент, храна и безалкохолни пијалаци за 0,7 проценти, разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје за 0,1 проценти“, објави ДЗС.
Намалување на цените во одредени дејности воопшто и да нема или пак тие се минимални.