
ГАЛЕРИЈА: Хорот на „Танец“ за прв пат одржа концерт со византиско пеење
Хорот на Ансамблот за народни песни и ора „Танец“ вечерва за првпат изведе концерт со словенско-византиско пеење, на настап во во Музејот на македонската борба.
Концертот е дел од фестивалот „Денови на македонска музика 2023“ на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ. На концертот беа промовирани и книгите „Литургии арманеска“ од Јане Коџабашија и „Краток воскресник“ од Јанаки Стојменович во транскрипција на европска нотација на д-р Мирјана Павловска-Шулајковска. Промотор е м-р Бранка Костиќ-Марковиќ.
Концертот ја отслика тесната врска меѓу фолклорната и црковната македонска вокална практика.
Според музиколозите, истражувањата од областа на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија, кои го опфаќаат периодот од втората половина на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век, го потврдуваат неговиот значаен дел од македонското и општото културно наследство.
Овој процес започнат на прагот на 70-тите години од минатиот век, остварува развојна истражувачка линија која се занимава со овој сегмент од македонската музичка историја. Првичните резултати од овие истражувања придонесоа црковното пеење од византиската традиција да стане мошне важно поглавје од историјата на македонската музичка култура, со што се отвори значајно поглавје во националната музика.
Досега откриените ракописни и печатени псалтикии и дејноста на црковно – музичките дејци од посочениот период, претставуваат континуитет на Св. Климентовото предание и го потврдуваат постоењето и практикувањето на источното црковно пеење во Македонија.
Денес од овој период зачувани се десетици ракописи, како и печатени зборници на црковни напеви со композиции од познати византиски композитори, но и оригинални творби од македонски автори, црковно-музички дејци и нивните откриени ракописни или печатени псалтикии на територијата на Македонија.
Меѓу нив најзначајни се „Псалтика“ на Јанаки Стојменович напишана во 1849 година, Литургискиот зборник на Андон Шахпаски (ок.1860-1928), „Цветособрание“ на Васил Икономов (1848-1934), „Псалтикискиот воскресник“ на Васил Иванов Бојаџиев (1876-1950), „Пасхалија“ од Јоан Хармосин-Охридски (1829-1890), зборникот „Источно црковно пеење“ во четири книги од Калистрат Зографски (1821-1913), псалтикиите на Манасиј поп Тодоров (1856-1936), Прирачникот за псалти од Димитар Златанов Градоборски (ок.1800-1887) и др. Овие псалтикии пишувани со (невматска) Хрисантовата нотација и на црковно-словенски јазик имаат историско значење за зачувувањето на културниот идентитет на македонскиот народ.
Во поново време, дел од нив се претставени пред нашата и странската културна јавност како печатени изданија, меѓу кои и композициите кои ќе бидат изведени на овој концерт, а се дел и од „Антологијата на македонското црковно пеење“ од проф. д-р Јане Коџабашија, издадена во текот на 2018 година, во рамките на Европската година на културното наследство, овозможено од Делегацијата на Европската унија во РСМ.
Во оваа насока, со нивното изведување, тие ја добиваат својата ревалоризација и во нашево време со реафирмацијата на црковното пеење од словенско-византиската традиција во Македонија.




