
ФЗО: Исплатата на надомест за породилно отсуство е редовна, нема доцнење од 30 дена
Директорот на Секторот за комуникации и административна поддршка на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Ирфан Лимани, ја демантира изјавата на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена. Тој нагласува дека надоместот се исплаќа континуирано и не може да има такво доцнење. Доколку се случи задоцнување, тоа е резултат на доцнење при пријавата или при исплатата на плата од страна на работодавачот.
Надоместот за породилно отсуство е процес кој е поврзан со работодавачот на осигуреничката. При исплата на плата, УЈП доставува електронски податоци за платените придонеси до ФЗО. Тие се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоците за други видови боледувања, и потоа се испраќаат до Дирекцијата на Фондот. Дирекцијата ги доставува до УЈП за подготовка на МПИН, по што надоместоците се исплаќаат континуирано. ФЗО исплаќа бруто надомест, што вклучува пензиски и други придонеси, појаснува Лимани.
Најголемиот дел од исплатите се реализираат од 10 до 20 во тековниот месец, а преостанатите се исплаќаат до крајот на месецот.
Буџет за надоместоците постои, а доказ за тоа е што заклучно со октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети за породилно отсуство. За споредба, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети, со вкупна исплата од 384 милиони денари. Лимани објаснува дека дел од пресметките за октомври се уште се во процес на обработка и исплата.
