ФРАПАНТНО И НЕВИДЕНО Е ОДНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА ЗА СЛУЧАЈОТ СО МИХАИЛОВА Истрагата ќе открие како избегала обвинетата
Обвинетата Ива Михаилова, која викендов се појави на медиумите во Бугарија, нелегално ја напуштила државата, а истрагата ќе покаже како таа заминала од Македонија, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Според Тошковски, Михаилова во земјава последен пат била видена на 10 октомври вечерта.
– Согласно информациите кои ги имам меѓународна потерница ќе биде распишана денеска, Јавното обвинителство побара определување мерка притвор. Доколку Судот донесе таква одлука веднаш Министерството ќе ја процесуира преку каналите што ги имаме за меѓународна соработка и се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, сè она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ – рече Тошковски во интервју за ТВ Сител.
Тоа Бугарија треба да го покаже со дела, а не само со декларативни изјави, додаде Тошковски.
– Одредени вредности и правила овде кај нас и во Бугарија, која е земја – членка на ЕУ треба да бидат исти. Како Михаилова излегла од Македонија ќе одговори истрагата, но факт е дека тоа лице не е евидентирано во рамки на граничната контрола на Македонија и не е евидентирана од граничната контрола на Бугарија. Истрагата ќе даде детали како лицето, практично кажано, избегало од Македонија. Не би сакал сега да навлегувам во сите детали. Но, факт е дека лицето нелегално излегло од Македонија и нелегално влегло во Бугарија, особено дека нелегално излегло од Македонија – рече Тошковски.
Според него, во случајов треба да се отворат неколку прашања.
– Дали секое лице заслужува соодветен медицински третман во рамки на која било постапка? И одговорот тука е неспорно – да. Второ прашање што се поставува е дали правото на живот е загарантирано во Македонија, во Бугарија и во рамки на ЕУ. За жал, во еден кривично правен настан каде што учесник било и лицето кое што излегло од Македонија, имаме загинат човек. Тоа е факт кој не смее да го занемариме и дали заслужува правичен одговор, и дали фамилијата на оној кој го загубил животот заслужува правда во една законита постапка – рече Тошковски.
Според министерот, прва невистина во текот на вчерашниот ден била дека лицето легално ја напуштило границата во присуство на нејзиниот адвокат од Бугарија, бидејќи последниот легален влез и излез во Македонија на адвокатот е минатиот месец, а МВР има непобитни материјални докази дека лицето Ива Михајлова на 10 вечерта се наоѓала на територија на Македонија.
– Ваквиот начин на третирање на лице кое што е дефакто лице на кривичен прогон за кривично правен настан каде што загинал друг човек, а притоа од земја членка на ЕУ да се дава таква поддршка под плаштот на „хуманитарен третман“ од страна на претседател на држава, од страна на министер за внатрешни работи, па обезбедување да ѝ било давано, навистино е фрапантно, невидено – рече Тошковски.
Тој потсети дека има и други лица, кои се и правосилно осудени, кои пребегале во Бугарија.
Ива Михаилова, која во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, деновиве избега во Бугарија. За Михаилова, која има и бугарско државјанство, денеска е распишана централна и меѓународна потерница, а кочанскиот Суд ѝ одреди мерка притвор во траење од 30 дена.
Медиумите во Бугарија објавија дека Михаилова се наоѓа во Софија.
РАСПИШАНА ПОТЕРНИЦА ПО ИВА МИХАИЛОВА Се очекува Бугарија да ја уапси и да ја испорача
.
Извор: plusinfo.mk
ДАЛИ ЗАД ИВА МИХАИЛОВА СТОЈАТ ФИЛИПЧЕ И ЗАЕВ, УЦЕНЕТИ ОД РАДЕВ? Препораката за лекување во Бугарија ја дал нивен близок лекар, осуден во „Метастаза“