
ФОТО Вака изгледа куќата по разорната експлозија во Велгошти
Тешки оштетувања се видливи на куќата во охридското село Велгошти по разорната експлозија што се случи денеска. Силниот удар предизвикал сериозни последици врз објектот, а на терен веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица од Охрид.
Од ТППЕ Охрид информираат дека експлозијата била предизвикана од зголемена концентрација на гасови (плин), како и од други фактори кои придонеле за високо ниво на експлозивност.
Благодарение на брзата и навремена интервенција на пожарникарите, спречено е дополнително опожарување на куќата и проширување на пожарот. Во настанот е повредена една жена, која веднаш била преземена од екипите на Итната медицинска помош и пренесена на лекување.
Надлежните служби продолжуваат со преземање мерки за целосно санирање на последиците и утврдување на сите околности поврзани со експлозијата.

