
ФОТО Пена во реката Вардар: Општина Зелениково на терен, се земаат примероци од водата!
Општина Зелениково информира дека утрово, при активирање на пумпите за препумпување на отпадната вода од Скопското Поле, во селото Таор е забележана појава на пена во поголем обем. Пената се појавува во одводниот канал кој се истекува во реката Вардар, а препумпувањето опфаќа голем дел од општините Гази Баба, Арачиново, Илинден, Петровец и околината.
„Општинските служби заедно со АД ‘Водостопанство’ излегоа на терен за увид и координација со надлежните институции за понатамошно постапување“, истакна градоначалникот Коста Маневски.
За да се утврди составот на пената и можните извори на загадување, Институтот за јавно здравје на барање на општината зема примероци од водата и пената. Дополнително, поднесена е пријава до Државниот инспекторат за животна средина, кој е надлежен за натамошна контрола и постапување.
Општина Зелениково најави дека јавноста ќе биде информирана веднаш по добивање на резултатите и насоките од надлежните институции за понатамошни активности.

