
ФОТО „Евзони“ празен: Земјоделците ги тргнаа блокадите, но порачаа – нивната борба не е завршена!
По неколкудневните повремени прекини во сообраќајот, главниот граничен премин меѓу Македонија и Грција, „Евзони“, денеска е целосно отворен и прооден за сите видови возила.
На терен, сликата е драстично поинаква од изминатите денови. Како што може да се види од фотографиите, сообраќајните ленти се чисти, а протокот на возила се одвива без никакви застои.
Иако тракторите на грчките земјоделци се сè уште забележливи во близина на патните правци, тие се повлечени во една коловозна лента и не го попречуваат движењето на автомобилите и автобусите.
Ваквата состојба е резултат на одлуката на земјоделските здруженија привремено да ги прекинат активните блокади до петок. Целта на овој потег е да им се овозможи на граѓаните од двете земји непречено да патуваат за време на новогодишните празници.
Да потсетиме, во изминатите четири дена преминот беше под клуч во неколку термини во текот на денот (од 12 до 16 и од 18 до 22 часот), што предизвика долги колони и нервоза кај патниците.
Иако моментално границата е „празна“ и лесно преодна, земјоделците најавуваат дека нивната борба не е завршена. Тие остануваат на позициите низ цела Грција, а за в недела е закажан голем состанок кај патарината Малгара во близина на Солун. На овој состанок ќе се одлучува дали блокадите ќе бидат радикализирани по 1 јануари.
Земјоделците и понатаму бараат итна исплата на субвенциите и помош од државата за справување со високите трошоци за производство, нагласувајќи дека се подготвени да ја дочекаат новата година на патиштата доколку нивните барања не бидат исполнети.
