
ФОТО Акција на автопатот Табановце-Куманово: „Паднаа“ шверцери со брендирана облека и алат – запленети стотици парчиња
Мобилната единица за компензаторни мерки имаше полни раце работа вчера на автопатот Табановце – Куманово. Во две одвоени акции, полицијата пресече обиди за нелегален пренос на стока, при што се уапсени две лица, а запленети се вкупно 446 парчиња стока без документи.
Настаните се случиле вчера (14.12.2025), а во фокусот на полицијата биле возила кои се движеле по оваа фреквентна сообраќајница.
Првиот случај е регистриран при контрола на патничко возило „Фолксваген Голф“ со кумановски регистарски ознаки. Возилото го управувал 38-годишниот Б.И. од Куманово. При деталниот преглед, полициските службеници пронашле 272 парчиња разновидна брендирана стока за која возачот немал никаква документација за потекло. Стоката веднаш е одземена, а кумановецот е лишен од слобода.
Во втората акција, полицијата сопрела патничко возило „Мерцедес“ со скопски таблички, управувано од 41-годишниот Б.С. од Скопје. Во овој автомобил бил откриен вистински магацин на опрема – пронајдени се 174 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат, исто така без соодветна документација. Во овој случај, полицијата покрај алатот, го одзела и возилото.
Од МВР најавуваат дека по целосно документирање на двата случаи, против инволвираните лица ќе бидат поднесени соодветни законски поднесоци.
