
Фондот за осигурување депозити е за побрзо обештетување и продажба на зградата на Еуростандард банка?
Фондот за осигурување депозити е најголемиот доверител на Еуростандард Банка, и институција кој има право на средствата од нејзината стечајна маса. Исклучително важна институција која влева доверба во монетарниот систем на земјава, која ги поттикнува процесите на штедење, и чие ликвидно работење влијае на идните државни задолжувања.
Во Фондот членуваат банки, филијали на странски банки и штедилници основани во Република Северна Македонија и чии одлуки треба да се следат, за општото добра на целата економија.
На последното собрание на доверители на Еуростандард Банка одржано на 15.09.2023 по повод третата јавна лицитација претставник на Фондот јасно го искажал својот став и гласал за брза продажба на зградата на Еуростандард Банка, во надеж дека брзо потоа ќе започне и обештетувањето на сите доверители.
Во таа линија биле и останатите 20 најголеми доверители или 88,1% (според вредноста на побарувањата) кои биле eдногласни дека е потребна брза продажба на деловната зграда на Еуростандард Банка. Стечајниот управник наместо да го следи тој сигнал и мнозински интерес го менува деловникот за работа, предлага спроведување повторна процена на вредноста на зградата, по што стечајната судијка одличува за поништување на лицитацијата. Знаејќи дека според законот потоа следи т.н. прераспределба на имотот, со која доверителите добиваат на хартија потврда дека поседуваат процентуален дел од деловната зграда на Еуростандард Банка, Но фактички не добиваат ништо!
Парите на доверителите не само што се заробени повеќе од три години, туку тие поради инфлацијата губат од вредност. Секое чекање, одолговлекување е само на наша штета, децидни се доверителите. Тие го прашуваат стечајниот управник за чии интереси работи? Дали како државен посланик треба да работи во интерес на државата и мнозинството, или во интерес на поединци.
Против продажба се само 4 компании во сопственост на семејството Костовски, и најверојатно самиот стечаен управител, кој има интерес од одолговлекување на процесот.
Дали е точно дека стечајниот управник добива месечен надомест од 50,000 евра, за спроведување на стечајната постапка, кои се однесуваат за трошоци и плати, износ за кој никој не знае како се троши?
3 години трае овој процес и нема решение! Зградата пропаѓа, и прашање е дали доколку се одолговлекува и понатаму ќе има заинтересиран да ја купи. Особено што по чинот на поништување на третата аукција, и прераспределбата на зградата, настануваат трошоци, треба да се плати данок, судски трошоци, трошоците за одржување.
Во меѓувреме дел од доверителите имаат поднесено жалба, со надеж дека судовите ќе имаат разбирање за ситуацијата, и дека ќе донесат одлука која е во интерес на поголемиот дел од доверителите, како и на самата држава, и ќе придонесат повторно да се гласа и одлучува на собрание за тоа дали ќе се прифати продажбата.
