
Фон дер Лајен ја предупреди Кина: Не ја вооружувајте Русија
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го предупреди кинескиот претседател Кси Џинпинг да не и доставува оружје на Русија во војната во Украина, јавија ДПА и БТА.
„Вооружувањето на агресорот би било спротивно на меѓународното право и значително ќе им наштети на нашите односи“, рече таа по средбата со кинескиот претседател.
Во врска со крајот на војната во Украина, Фон дер Лајен рече дека Европската унија се потпира на Кина да ја „игра својата улога и да промовира праведен мир кој го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.
Во разговорите со Кси, фон дер Лајен ја нагласи нејзината поддршка за мировниот план на украинскиот претседател Володимир Зеленски и ги поздрави предупредувањата на Кина против употребата на нуклеарно оружје.
Фон дер Лејен го опиша како „позитивен“ фактот што кинескиот претседател е подготвен да разговара со неговиот украински колега Володимир Зеленски, пренесе АФП. Кси Џинпинг „ја потврди својата подготвеност да разговара кога се соодветни условите и времето“, додаде таа.
Кси рече дека Кина сака да ја зајакне меѓусебната стратешка доверба со ЕУ, објави Ројтерс.
Кина и ЕУ мора да воспостават правилно меѓусебно разбирање и да избегнат недоразбирања и погрешни проценки, рече Кси за време на средбата со Урсула фон дер Лајен во Пекинг, пренесе кинеската телевизија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел од 13 до 15 април ќе ја посети Кина, соопшти денеска неговиот портпарол Петер Стано.