
Фолксваген ќе гради фабрика за батерии за електрични возила во Канада
Фолксваген планира да изгради голема фабрика за батерии за електрични возила во Канада, објавија претставници на компанијата.
Тие рекоа дека Volkswagen Group и нејзината компанија за батерии PowerCo ќе ја основаат првата гигафабрика во странство за производство на батериски ќелии во југозападниот дел на Онтарио, пренесува SEEbiz.
Почетокот на производството е планиран за 2027 година, а минатата година компанијата потпиша договор со канадската влада за изнаоѓање соодветни локации за ваква фабрика во Канада.
Дополнително, ќе бидат истражени начини на кои Канада може да придонесе за синџирите за снабдување со батерии на Volkswagen, вклучувајќи суровини и монтажа.
По тој повод, покраината Онтарио во февруари почна да спроведува подготвителни активности со најава на закон, кој брзо ќе биде усвоен, со цел да се постигне најефикасна подготовка на земјиштето за мегалокација од 1,5 илјади хектари во југозападниот дел на Онтарио.
Покраинскиот министер за економски развој Вик Федели рече дека дел од локацијата треба да биде распоредена на две општини, но ќе се спои во една, со цел да се отстранат бирократските проблеми во работењето.
Канада имаше најмалку десет големи зделки за електрични возила во вредност од над 12 милијарди долари во изминатите две години.
Фото: EPA-EFE/Filip Singer
