
ФМП падна во Аеродром: МЗТ со злато вредна победа граби кон опстанок во АБА (ФОТО)
Тоа беше исклучително тврд натпревар, во кој ниту една од екипите немаше голема предност, освен двоцифрената позитива на гостите на стартот (12-2), која сино-белата чета умешно ја исконтролира и брзо ја компензира враќајќи ја неизвесноста уште до крајот на првата четвртина. Белграѓани продолжија да ја имаат иницијативата, но без опиплива предност, што на „металците“ постојано им даваше можност за блесок и преземање на контролата врз играта и резултатот.
Таквата ситуација им се укажа пред крајот на третиот период, кога агресивната одбрана конечно вроди со плод. Резултастската клацкалка во овој дел од мечот заврши со фантастична серија 11-1 на МЗТ Скопје, со која македонскиот претставник дојде до големи плус девет (65-56). Кошаркарите на ФМП не се предадоа, туку последниот дел го почнаа со седум поени во низа, најавувајќи неизвесен финиш, но тогаш на сцена стапи помалку заборавениот Александар Бурсаќ со две тројки и фанатична дефанзива. Неговата енергија ја врати највисоката предност (84-75) на две минути до крајот, како најава на конечниот епилог и ерупцијата од одушевување во Аеродром.
Мајк Кафи со 23 поени и шест асистенции беше убедливо најдобриот кај македонскиот шампион, додека зад него беа Дастин Вер со 13 и Бојан Крстевски со 10 поени. Изунду со 18 и Менинг со 17 поени беа најпрецизни кај гостите од Србија.
МЗТ Скопје сега има скор 4-17, односно го стигна Борац Чачак по бројот победи, со тоа што српскиот тим има еден меч помалку, понеделничкиот на домашен терен против Студентски центар. Следен предизвик за аеродромци е гостувањето кај Мега МИС закажано за на 12 март.
