
Филков му возврати на Касами: „Кога ќе бидеш премиер, тогаш одлучувај кој ќе биде министер“
Изјавата на лидерот на Беса, Билал Касами, дека во најавената реконструкција на Владата напролет би можело да дојде до смена на министерот за правда Игор Филков, предизвика реакција од самиот министер.
Филков денеска одговори на ваквите најави, истакнувајќи:
„Кога ќе биде Билал Касами премиер тогаш веројатно тој ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не, а дотогаш владеењето на правото и почитувањето на Уставот ќе важат за сите“, изјави Филков, одговарајќи на новинарски прашања.
Во синоќешното интервју за ТВ 21, Касами рече дека во рамки на реконструкцијата на Владата еден од министрите што може да биде сменет е токму Филков, притоа обвинувајќи го дека се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.
На новинарско прашање дали ги потврдува ваквите најави, премиерот Христијан Мицкоски кусо одговори:
„Па, не знам, тоа можеби треба да го прашате господинот Билал Касами“.

