
Филипче за случајот АНБ: Да се декласифицираат информациите за да нема лов на вештерки
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска повика на темелна истрага и целосна транспарентност во врска со наводите за нелегално следење од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), поддржувајќи го барањето за декласификација на документите за да се дознае вистината.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче нагласи дека јавноста заслужува објективно прикажување на фактите за да се избегнат политички пресметки и „лов на вештерки“.
„Очекувам да има објективно прикажување на работите, фактите да се знаат во јавноста. Доколку е потребно да има истрага и да биде задоволена правдата“, изјави Филипче.
Тој потсети на, како што рече, низа бомбастично најавени скандали од страна на ВМРО-ДПМНЕ кои немале никаква разрешница.
„Да ве потсетам, имаше најава за некаков поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче директно го поддржа барањето на поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, кој претходно побара обелоденување на информациите.
„Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информациите, па да видиме каква е вистината. За да нема лов на вештерки, лов во матно, мислам дека граѓаните и јавноста го заслужуваат тоа“, истакна претседателот на СДСМ.
Од партијата апелираат институциите да постапат одговорно и да ги обелоденат сите релевантни информации, со цел да се спречи злоупотреба на безбедносниот систем за дневно-политички цели.