
Филипче на ФБ: Преку уцени и искористување на приватни проблеми, преку еден член се прави обид за удар врз СДСМ!
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со остар и алармантен тон реагираше на, како што наведува, координираните напади и обиди за дестабилизација на партијата, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад „најголемата предавничка операција“ која, според него, веќе е подготвена и потпишана, а од нејзина реализација ја делат само претстојните избори.
Во објава на социјалните мрежи, Филипче посочува дека СДСМ „удрила во осино гнездо“, по што, како што тврди, започнала паника во редовите на владејачката партија. Според него, таа паника се манифестира преку пласирање лажни вести, измислени случаи и наводни афери, со цел да се дефокусира јавноста од, како што вели, суштинските прашања.
„Не само што ја забранија темата, туку и се закануваат со затвор“, пишува Филипче, додавајќи дека медиумите блиски до власта дејствувале синхронизирано, објавувајќи содржини во координирана акција за мошне краток временски период.
Тој открива дека, според неговите информации, бил направен обид преку еден член на СДСМ да ѝ се нанесе штета на партијата одвнатре. Филипче нагласува дека тоа не го доживува како личен напад, туку како удар врз целата партија и нејзиното членство. Според него, биле искористени приватните проблеми на тој член, неговата задолженост, па дури и уцени, за да се внесе немир во партиските редови.
„Ние го разбираме и нема да се пресметуваме со него. Нема да му одмогнеме, можеме само да му помогнеме. До него е да одлучи која страна ќе ја избере“, наведува Филипче, испраќајќи порака дека СДСМ ќе продолжи, како што вели, по патот на правдата и нема да дозволи да биде замолчена.
На крајот од пораката, тој упатува повик до сите кои се согласуваат со таа визија да се приклучат, а оние кои не можат или не сакаат – да останат настрана, со уверување дека „правдата ќе победи“ и дека власта ќе се врати „во рацете на народот“.
Оваа јавна реакција следува откако поранешниот градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, побара оставка од лидерот на партијата, Венко Филипче.
